Нема повеќе притисок во инфективните одделенија во земјава. Следниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе биде пред 15 јуни, а дотогаш ќе работиме со организаторите на разни настани, концерти, тоа што се планира да се организира во текот на летните месеци за да се донесат соодветните протоколи, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој посочи дека доколку продолжат овие бројки на заболени од Ковид-19, овие трендови, после 15 јуни може да се очекува дополнителни олеснувања на рестриктивните мерки.
Тука мислам прво на полицискиот час и второ на препораките за организација на другите настани, додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на реновираните хируршки сали на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија.
Нови 19 случаи на Ковид-19, 26 оздравени и шест починати
Деветнаесет нови случаи на Ковид-19 регистрира Институтот за јавно здравје во последните 24 часа од направени 2.456 тестирања. Од нив, во Скопје – пет, во Куманово – три, Гостивар, Кочани и Демир Хисар по два, Прилеп, Тетово, Кичево, Гевгелија и Неготино по еден случај.
Како што соопшти Министерството за здравство, регистрирани се и 26 оздравени пациенти од Скопје – осум, Куманово – четири, Радовиш и Кратово по три, Штип – два, Гостивар, Кочани, Прилеп, Свети Николе, Пробиштип и Македонска Каменица по еден.
Вкупно починале шест лица, од кои две од Скопје на 69 и 83 години, и по едно лице од Радовиш (52), Тетово (77), Кичево (74) и Струмица (80). Од пријавените, две лица се починати во домашни, а останатите четири во болнички услови.
Во моментов во Охрид има 54 активни случаи.
OhridNews