Доколку заинтересираните кандидати за прв човек на манифестацијата “Охридско лето” не понудат квалитетна програма за развој и работа на установата, може да се случи да се распише нов конкурс, дознава OhridNews од извори од фестивалот. Солидно изработената програма ќе биде пресудна за одлуката која наскоро треба да ја донесе министерот за култура Елизабета Канческа- Милеска. При тоа, ќе се гледа и на способноста за комуникација на кандидатот, како и неговото познавање на странски јазици. 

Доколку не се наиде на кандидат кој ќе ги исполнува потребните услови постои можност министерството да распише нов конкурс, а сегашниот вршител на должноста, Васил Зороски да остане на оваа функција заклучно месец декември,  кога и му истекува шестмесечниот мандат како ВД директор, велат од фестивалот.


Конкурсот за избор на директор на Националната установа – фестивал “ Охридско лето” беше распишан на 6- ти октомври и трае 15 дена.

Како што дознава OhridNews, Наташа Спасеска – сопственичка на агенција за недвижности, и екс портпарол на ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид Јован Секулоски – вработен на царина и исто така екс потпарол на ОК на ВМРО- ДПМНЕ, Васил Ложанкоски – вработен во локалната самоуправа во одделот за односи со јавност и поранешен портпарол на екс градоначалникот Никола Наумов, се дел од заинтересираните кандидати за директорската функција на фестивалот “Охридско лето”. Но, како што потенцираат извори од фестивалот, на конкурсот се очекува да се пријават и десеттина кандидати од Скопје, но и останатите градови низ земјава. 

Дел од македонската уметничка фела смета дека на директорското место на овој реномиран фестивал треба да застане човек со добар стаж во менаџирањето на културата кој добро ќе го познава и минатото на “Охридско лето”. Дел од македонските уметници предлагаат и распишување меѓународен конкурс по примерот на светските фестивали.

Т. Кувенџиска