Во јавното здравство скоро 2 500 лица се со договор за работа. Нашата тенденција ќе биде до крајот на годината да им дадеме решенија барем на дел од нив, се надевам на барем половината, ако изнајдеме решение со постоечкиот буџет, а за оние што ќе останат, ќе видиме идната година, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

Одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на новиот микроскоп во државната Очна клиника, Таравари информира и дека најверојатно до крајот на годината ќе се вработат првите 300 доктори – специјализанти.

Ќе почнеме од октомври – ноември со апликации и се надевам дека до крајот на годината ќе се вработат првите 300 доктори – специјализанти. Досега се пријавени околу 480 од вкупно 640. Здравството ќе има плус решенија за минимум уште 500 доктори, подвлече министерот.

Според него, мора да се применува праксата на вработување квалитетни кадри, а не по партиски клуч. Треба да се примаат медицински лица, нагласи Таравари, врз основа на нивното знаење, а не врз основа на тоа дали е некој Македонец, Албанец, Турчин,…

OhridNews