Издаваштвото „Везилка 2011″ објави превод уште еден српски роман: „Ако долго гледаш во понорот” од Енес Халиловиќ, кој и е познат на нашата литературна јавност по порано преведените книги поезија. Енес Халиловиќ е автор на пет стихозбирки, две збирки раскази и две драми, како и на романт „Еп за водата”. Ова му е втор роман.

Халиловиќ е добитник на угледните награди „Меша Селимовиќ”,  „Бранко Миљковиќ”, „Ѓура Јакшиќ” и „Ахмед Вали”. Неговите дела се преведени на англиски, полски, руски, арапски, турски, француски, романски, украински, унгарски, словенечки, летонски, албански, македонски, грчки, бугарски и каталонски јазик.

Најновиот роман на Халиловиќ „Ако долго гледаш во понорот” за мото ја има мислата на Фридрих Ниче: „Кој се бори со чудовишта, мора да внимава притоа и самиот да не стане чудовиште. И ако долго гледаш во понорот, и понорот гледа во тебе”. Всушност, тоа е потресна и трагична приказна за распаѓањето на едно сиромашно семејство во калта на транзицијата, за времето кога социјалистичките фабрики се распаѓаат а сите бизниси, базирани пред се на шверцот, ги презема раскалашеното мафијашко јато.

OhridNews