Ние сме нарачале толку вакцини против Ковид-19, колку што Комисијата за здравство кажува по нивна проценка дека е доволно за колективната имунизација да се постигне во населението. Така што дефинитивно сме направиле чекори, сме потпишале договори, некаде авансно сме платиле или слично за да ги обезбедиме тие количини. Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев.
Ако продолжиме да порачуваме вакцини „Спутник“, следна веројатно е „Астра Зенека“, па нови количини од „Фајзер“, па нови количини од „Синофарм“ и ќе се затекнеме да има пет милиони вакцини во државата. Тоа е недозволиво заради рационалноста и наменското трошење на јавните пари. Затоа сме направиле договори толку колку што имаме потреба согласно националниот план за вакцинација на граѓаните во Република Северна Македонија. Ако се откаже дел од нарачките и се анулира дел од нарачката веројатно следни за нарачка ќе бидат токму „Спутник“ вакцините, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на новата Европска куќа во Струмица.
Како земја членка на НАТО во консултации секако и со стратешките партнери на државата, посочи премиерот, вакцинирањето претставува суверено право на секоја земја и апсолутно нема никакви геостратешки или геополитички реперкусии заради тоа што се работи за здравство, се работи за здравјето на граѓаните и апсолутно немаме никакви резерви.
Јавно го соопштувам кон која било вакцина што е потврдена од меѓународните здравствени организации, па дури и од националните здравствени власти на земјите производители што се како и сите пријатели на Р.С. Македонија, додаде Заев.