Продолжува борбата со огнената стихија на Галичица. Според моменталната состојба на терен источниот дел е стабилен, скоро под контрола, но останува најкритичен западниот дел, информираат од НП Галичица.

На југоисточниот дел во Албанија има еден пожар кој е далеку засега од нас, но се води сметка. Северниот дел задоволителен, додека сеуште најкритичен останува западниот дел каде најкритично е на местото викано Злидол и Страчка. Овде може да делува само воздухоплов, потенцираат од НП Галичица.

Од Општина Охрид информираат дека акцијата за гасење на пожарот на Галичица продолжува денес со гасење и од воздух.

На помош денес ќе дејствуваат два хеликоптери. Гасењето на пожарот ќе се одвива и од копно каде делуваат пожарникарите од ТППЕ Охрид, вработени во Национален парк “Галичица”, ДЗС и ЦУК, како и членови на Службата за спасување на планина и волонтери, информираат од Општина Охрид.

Во пожарот на Галичица кој веќе тринаесетти ден гори опожарена е нискостеблеста вегетација и букова шума.

 

Н.С.Ј.