Граѓаните кои добија домашни платежни картички, за потикнување на приватната потрошувачка и поддршка на македонските производи и услуги, од денеска ќе можат да пазарат со неа и во Охрид. Трговскиот бренд „Топ маркет“ кој деновиве го промовира најексклузивниот маркет во градот на улицата „Партизанска“ во близина на Факултетот за туризам, веќе ја адаптира понудата на потребите на купувачите.

Акцијата „Купувам домашно“од денеска и во „Топ Маркет“

 

Домашните производи кои можат да се купат со специјалната платежна картичка во „Топ маркет“ се јасно обележани на рафтовите со црвена лента. Со неа ќе можат да се купат сите македонски производи, освен цигари и алкохол, без оглед дали се посебно обележани или не, појаснуваат од „Топ маркет“.

Домашните производи се обележани на рафтовите со црвена лента

Платежната картичка е дел од третиот пакет мерки на Владата, за која се обезбедени 28 милиони евра, со кои се поттикнува економската активност, за ревитализирање на домашната економија во услови на криза предизвикана од коронавирусот.

Корисници на оваа картичка се приматели на социјална помош и невработени лица, кои активно бараат работа, а имаат нето-доход до 60.000 денари во период јануари-април годинава. Овие лица еднократно ќе добијат 9.000 денари на платежната картичка. Потоа, вработени со низок доход, кои за периодот јануари- април годинава оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето-износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време . Тие ќе добијат 3.000 денари еднократно.

Картичка во вредност од 3.000 денари добиваат и млади лица од 16 до 29 години, кои се активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование.

Домашна картичка ќе добијат и над 4.000 здравствени работници ангажирани во справување со ковид-19, со износ од 40 отсто од последната основна нето-плата.

Граѓаните што ги исполнуваат условите не треба да аплицираат за картичката, туку ќе можат да проверат дали се во системот со внесување на матичниот број на веб страната kupuvamdomasno.gov.mk, каде е назначено и од која банка ќе можат да ги добијат парите.

Банките започнуваат со издавање на домашните платежни картички уште оваа недела, а најдоцна треба да бидат издадени до 18 јули. Средствата на да домашните картички треба да се искористат најдоцна до 15 август.

OhridNews