Заклучно со 13.07. 2010 до 13 часот до Одборот за подигање спомен обележје на Св.Наум Охридски-Чудотворец пристигнаа 14 идејни решенија за подигање на спомен обележјето на Св.Наум Охридски-Чудотворец, информираше локалната самоуправа.
-По разгледување на доставените идејни решенија, седум од нив не беа земени во предвид поради неисполнување на условите предвидени во Конкурсот. Членовите на Одборот за подигање спомен обележје на св. Наум Охридски – Чудотворец, на седницата одржана на 06. 08. 2010g., донесоа едногласна одлука да се доделат:
I награда, на идејното решение “Човекољубие”;- автор Томе Серафимовски
II награда, на идејното решение “Утеха”;-автор Ристе Пуцоски
III награда награда, на идејното решение “Не отворај”;-автор Синиша Новески
Идејните решенија “1987”-автор Андреа Шимбов и “006”- Перо Кованцалиев и “Стела“ –автор Слободан Милошески се опфатени со Фондот за откуп и обештетување, соопшти Одборот за подигање спомен обележје на Св.Наум Охридски-Чудотворец.
Оттаму објаснуваат дека при одлучувањето за првонаградениот труд, односно за изведбеното решение, Одборот имал предвид дека покрај професионалните и содржинските квалитети, потребно е тоа дело да биде вклопливо и во хармонија со постоечкиот амбиент, во кој веќе егзистираат два монументални споменици (на св. Кирил и Методиј и на св. Климент Охридски), услов кој беше задолжителен во пропозициите на јавно објавениот конкурс.
Одборот се определи, со едногласна одлука, Првата награда да ја додели на идејното решение со шифра “Човекољубие”, на трудот којшто се издвои не само со својот убедлив скулпторски пристап во реализацијата на ликовно-естетски содржини, туку и со својата беспрекорна пластично-архитектонцка вклопливост во предвидениот амбиент. Исто така, неподелено беше мислењето на Одборот дека трудот “Човекољубие”, според својата скулпторска обработка не само што припаѓа на вешт професионалец, туку содржи обмислени и прецизно дефинирани скулпторски форми, со чие зголемување во предвидените димензии (5 м.) ќе се збогати пластицитетот на основните скулпторски маси, односно ќе се потенцираат и ќе дојдат до полн израз индивидуалните карактеристики на личноста на св. Наум Охридски – Чудотворец. Имајќи ја предвид вкупноста на вредносните компоненти кои ова дело ги содржи, Одборот ги истакна симболните карактеристики, мудроста и смиреноста на впечатливата сугестивност на тие форми, а особено ги потенцира можностите на минуциозно вклопување на портретните особености при реализацијата, бидејќи ваквиот уметнички пристап единствено дозволува совршено доловување на физиономските одлики на ликот од светецот, појаснуваат од Одборот за подигање спомен обележје на Св.Наум Охридски-Чудотворец.
Инаку академик Томе Серафимоски е автор на спомениците на Св. Кирил и Методиј и на Св. Климент кои веќе го красат центарот на Охрид.
Кункурсот за подигање споменик на Свети Наум Охридски-Чудотворец, беше објавен на 19-ти мај оваа година и траеше 52 дена. Според најавите на Општината, споменикот на Свети Наум Охридски-Чудотворец кој ќе се постави во паркот кај Рибниот ресторан, свечено ќе биде откриен на верскиот празник „Свети Наум“ – зимски, односно, на 5-ти јануари 2011.година.
Вкупната вредност на проектот се проценува на 15 милиони денари. Министерството за култура за оваа намена одобри 7 милиони денари, а остатокот ќе биде обезбеден од локалната самоуправа и донатори.