Во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид денеска свечено беше отворен 42.Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, на кој учество ќе земат професори, студенти, преведувачи, слависти и балканисти од 20 земји.


Веќе 42 години македонистите од Македонија со помош на академиците прават големи напори за афирмација на македонскиот јазик, литература и култура. Очекуваме од ова издание на фестивалот да стекнеме уште други нови пријатели, млади македонисти кои ќе ја продолжат афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура, истакна директорот на Меѓународниот семинар, Емилија Црвенковска. Според неа големиот интерес за учество на семинарот говори дека македонскиот јазик не е загрозен, но како што рече, потребна е поголема поддршка од државата за лекторатите кои се од големо значење на Република Македонија.


Учесниците на семинарот ги поздрави претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој истакна дека многумина се плашат од Македонија, македонскиот јазик и од македонците, поради нивната изолираност. Тој им  посака добредојде на учесниците во културниот, просветниот и духовниот центар на Македонија.


Академин Милан Ѓурчинов истакна дека не треба да има страв од македонскиот јазик, литература и култура . „Ние треба да внимаваме со некој непретпазливи, предимензионирани изјави да не предизвикуваме сомнежи кај некои луѓе кои никогаш не изразиле такво сомневање во овие 42 години , а тоа што некои одредени кругови во Грција се занимаваат со тоа е нивна работа“, рече академик Ѓурчинов. Според него македонскиот идентитет никогаш не бил посилен отколку сега, затоа што, како што рече „Македонија создава  литература, наука, уметност… и би било апсурдно сега некој тоа да го негира“.


Учесниците на семинарот освен за јазикот ќе дебатираат и ќе учат за нашата култура и историја. Покрај лекторските вежби, во рамки на семинарот што ќе трае до 27 август, ќе има преведувачка работилница, и предавања на истакнати македонски академици и автори. На  25 и 26 август ќе се одржи и 35. Научна конференција, а традиционално и годинава ќе бидат организирани и курсеви за учење македонски ора.

Ohridnews