Со цел да ја афирмира идејата оваа година Охрид да биде град на културата, охридската локална самоуправа во програмата со која аплицираше за оваа манифестација навела погрешни податоци во делот за прославата на 10 века од востановување на црквата Св. Софија. Ова го тврди академик Цветан Грозданов во писмената рeакција која деновиве ја испратил до градоначалникот на Општина Охрид.

– Точно е дека оваа 2010 година ќе биде одбележана личноста на Св. Наум Охридски кој што починал во 910 година, меѓутоа, во целокупните досегашни истражувања 1010 година не се споменува никаде како датум на втемелување на Св. Софија. Со оглед на фактот дека  многу сум пишувал за овој наш знаменит храм, за кого што сум предавал повеќе години и на нашиот Универзитет, сметам дека афирмирањето на непостоечки јубилеј не е афирмативно ниту за нашиот Охрид, ниту за нашата наука.-се вели во реакцијата на академик Цветан Грозданов.



-Со највисока почит кон делото на академикот Грозданов, сакаме да објасниме дека нашата цел не беше да востановиме датум на кој ќе направиме свеченост за обележување на годишнината на оваа црква, туку сакавме оваа важна историска знаменитост да добие богата и издржана Монографија, каква што до сега не е издадена. Во нејзиното изготвување планиравме да вклучиме голем број експерти од областа на историјата и уметноста. -изјави Митре Велјаноски, раководител на Секторот за јавни дејности при Општина Охрид.

Тој нагласува дека во Програмата не било прецизирано  дека точно во 2010 година се обележуваат 10 века од востановувањето на црквата Св. Софија, туку било наведено дека според историските податоци истоимената црква била востановена на почетокот од 11 век, што значи дека на почетокот од 21 век се навршуваат 10 века од нејзиното опстојување.

-Податокот дека Св Софија била изградена на почетокото на 11 век го извадивме од Првиот дел од печатеното издание на Монографијата Охрид и Охридско низ историјата  од 1985 година. Ние не сме институција која има експерти за историја на уметност, па затоа искористивме податоци кои според нас се релевантни.-објаснува Велјаноски.

Тој смета  дека за да не се повторуваат вакви недоразбирања, од големо потреба е изготвување на Монографија посветена на црквата Св. Софија, која што би била најзначајниот извор за сите податоци кои се поврзани со историјата на овој храм.

Е.Е.