Охридската екипа Академија Пандев во 2002 година и Работнички од Скопје во 2004 година се победници на првиот турнир за деца во мал фудбал „Климент Колески“, што викендов се одржа во Охрид во организација на фондацијата „Климент Колески“.

Во финалната пресметка фудбалерите на Академија Пандев го совладаа скопски Металург со 2-0 и сосема заслужено се искачија на победничкиот трон. Бронзениот медал им припадна на битолчани кои во „малото“ финале триумфираа против Работнички со 3-1.

Претходно за влез во финалето „академците“ го елиминираа тимот на ЛГ Битола со 2-1, а втората полуфинална средба Металург беше поуспешен од Работнички 8-0.

Во помладата категорија Работнички до златото стигнаа победувајќи го битолскиот тим ЛГ со 2-1 во финалето. Бронзениот медал во категоријата 2004 година им припадна на прилепчани.

Покрај медалите на екипите учесници им беа доделени благодарници, а имаше награди за најдобар стрелец Теодор Перковски (2004 година) и Никола Димитриоски (2002 година) како и за најдобар голман Тони Силјаноски (2004 година) и Хадис Салоски (2002 година).

На првиот турнир за деца во мал фудбал „Климент Колески“ учествуваат шест екипи од земјава, а се играше во спортските арени „Билјанини Извори“ и „Климент Колески“.

Oрганизаторот, фондацијата „Климент Колески“ најавува дека дека турнирот во фудбал за деца ќе прерасне во традиција.

Фото : „Емилио“
Мх.П.