Составот на Академија Пандев со златни букви се запиша во македонската фудбалска историја триумфирајќи во националниот Куп. Во финалето на Националната арена „Тодор Проевски“, фудбалерите на Академија Пандев го совладаа тимот на Македонија Ѓорче Петров со 4-2 после изведување на пеналите, откако регуларниот деведесет и дополнителните 30 минути завршија 2-2.
Мразот што се однесува до погодоците го скрши екипата на Академија Пандев која поведе преку Сашко Пандев. До крајот на првиот дел „црвено жолтите“ израмнија со погодокот на Робсон Силва кој стрелаше прецизно од слободен удар.
Второто полувреме понуди нови два погодоци, но различен тек на настаните. Во 84-та минута Дејан Тантуроски донесе водство за Македонија ЃП, а само две минути подоцна Љупчо Дориев од пенал изедначи 2-2.
Двете продолженија по 15 минути не донесоа резултатска промена и пеналите го одлучуваа победникот. „Лавовите“ не реализираа во првата и третата серија, а „пандевци“ ги погодија четирите пенали за историски успех.
Финалниот натпревар во Купот на Македонија го судеше охриѓанецот Марјан Ецкоски. Со оглед на темпото на игра и квалитетот, Ецкоски беше на висина од задачата и Судиската организација не погреши што му ја додели довербата.
OhridNews
Фото: Филип Вираноски (Гол.мк)