Фудбалскиот клуб Академија Пандев е прв патник во големото финалето од Купот на Македонија. Популарните „пандевци“ во полуфиналето ја совладаа екипата на Македонија Ѓорче Петров со 3-1 (1-1).

Полуфиналната пресметка која се одигра на стадионот во Ѓорче Петров понуди се што може да се замисли. Отворена и борбена игра, желба за победа во двете екипи, четири голови и два црвени картони, кои се составен дел од фудбалот кога влогот е голем.

Академија Пандев во 14-та минута од првата посериозна прилика го отворија резултатот. Стрелец на погодокот беше Бесник Ферати. „Лавовите“ ја презедоа иницијативата и после 20-тина минути го изедначија резултатот. Изет Ајрулаху добро продре по левата страна и со одмерен удар го совлада гостинскиот голман.

До крајот на првиот дел голови немаше, но Академија Пандев се соочи со проблем, откако стрелецот на погодокот Ферати после два жолти картони, предвреме го заврши мечот.

По само десет минути игра во второто полувреме Академија Пандев и со фудбалер помалку успеа да постигне погодок. Марјан Радески беше прецизен од белата точка, донесувајќи ново водство за составот на Академија Пандев.

Околу 70-та минута силите се израмнија на теренот. Десниот бек Китановски остро стартуваше над Радески и струшкиот арбитар Јован Качевски му додели втор жолт картон и го испрати во соблекувалните. Играта „10 на 10“ им одеше во прилог на „пандевци“, кои со добра игра во одбрана ја зачувуваа предност. Во судиското продолжение Радески со нов гол од пенал ја запечати победата и пласманот во финалето.

Противник на струмичани во финалето ќе им биде подобриот од вториот полуфинален натпревар во кој ќе се сретнат Струга Трим Лум – Силекс.

OhridNews