Атлетскиот клуб Охрид со емотивно писмо се прости од долгогодишниот тренер, професорот Влатко Димитров, кој ненадејно почина вчера во 64-та година од животот.
-Примивме жална вест која како големи љубители на Атлетиката многу не потресе. Почина легендата на Охридската и Македонската Атлетика, Професор Влатко Димитров. Голем човек кој пленеше со својот ентузијазам и упорност, и го посвети својот живот на Атлетиката каде освои голем број на признанија на домашен и меѓународен план. Заедно со неговите атлетичари сруши огромен број на рекорди во повеќе дисциплини кои долго време ќе се паметат. Беше човек кој и покрај бројните препреки на трнливиот пат до успехот никогаш не се откажа и со многу љубов кон Атлетика секогаш успеваше да премине и преку најтешките препреки, но за жал оваа препрека не успеа да ја совлада, неговото племенито и борбено срце не ја издржа оваа последна битка.
Како тренер знаеше да го препознае потенцијалот во своите атлетичари и да го извлече најдоброто од нив, како на теренот така и од нив како личности, им беше ментор кој секогаш знаеше да им даде правилен совет за било која одлука во животот и да ги изведе на правиот пат бидејки како што велеше сите тие се „негови деца“.
Ти благодариме што постоеше Професоре Влатко Димитров
Нека ти е вечна слава. – стои во писмото на Управниот Одбор на АК Охрид.
Долгогодишниот претседател на клубот и истакнат спортски работник Пецо Неданов, исто така, изрази жалење за загубата.
-Како претседател на Атлетскиот клуб Охрид многу пати ме направил да сум горд што сум бил член во неговиот тим кој секогаш се стремеше кон праведна победа и споменот на мојот драг пријател засекогаш ќе живее во моето срце, и верувам во срцата на сите сегашни и поранешни атлетичари како и членови во Управниот Одбор на АК Охрид и секако сите заљубеници во Атлетиката. – напиша Неданов.
OhridNews