Ајфеловата кула во Париз, една од најпосетените знаменитости во светот, ќе биде премачкана со нов слој на боја, а работите ќе почнат да се изведуваат во вторник, на денот кога ќе се одбележува 120 години од постоењето на кулата.
Кулата чија изградба е завршена на 31 март 1889 година, минатата година ја посетија рекордни 6 милиони и 930 илјади посетители. Откако е изградена кулата е пребојадисана 19 пати или во просек по еднаш на седум години.
Повеќе пати ја менувала бојата и тоа од црвенокафеава до окер, па се до денешната бронзена боја. На сајтот на кулата висока 324 метри се наведува дека за бојадисување на кулата се потребни 60 тони боја, 50 километри безбедносни кабли, 2 хектари заштитна мрежа, 1500 четки, 5000 шмиргли и 1500 работнички одела.
Работата која ќе трае повеќе од една година, ќе ја изведува екипа од 25 мајстори кои ќе започнат од врвот и ќе завршат со подножјето.