Airbus патентираше авион што може да лета со надзвучна брзина. Американскиот уред за патенти го одобри барањето на компанијата за патентот „ултрабрз авион и сродни методи на воздушно движење“, пренесува „Макфакс“.
Од Airbus порачуваат дека авионот би можел да лета со брзина од 4,5 Маха, што е четири и пол пати повеќе од брзината на звукот.
Business Insider пишува дека тоа значи оти нивниот авион би можел од Лондон до Њујорк да стигне за само еден час. Колку за споредба, денес на пензионираниот Конкорд за истата релација би му требале три и пол часа, а на конвенционалните авиони за преминот преку Атлантскиот океан им треба седум до осум часа.
Познато е дека новиот авион би требало да го придвижат три различни видови на мотори во секвенцијален распоред, заради што може да достигне брзина од 5000 километри на час. При полетувањето го придвижуваат два турбомотора под трупот и еден ракетен мотор, што се наоѓа на задната страна на авионот. Би полетувал исправено, како спејс шатлот. Пред достигањето на брзината на звукот, турбо моторите би се вовлекле во трупот, а понатаму леталото би го придвижувал ракетен мотор до височина над 30 километри. Потоа тој би се угаснал и вовлекол во трупот, а работата би ја презеле два млазни мотора поставени на крилата до максимална брзина од 4,5 Маха. Нив би ги придвижувале различни видови на водородни горива, предлагаат од компанијата.
OhridNews
извор:„Макфакс“