Вечерва во рамки на програмата на фестивалот Охридско лето во црквата „Света Софија“ со почеток 21 часот концерт ќе одржи „Аигета Гитара Квартет“ од Монте Карло.
Квартетот го сочинуваат четворица извонредни гитаристи – Франсоа Сони, Александре Дел Фа, Филипе Лоли и Оливер Фотрат, кои повеќе од 30 години ги оплеменуваат најпрестижните сали во Европа.
Подемот на кариерата на „Аигета“ започнува во 1982 година, кога настапуваат со Филхармонискиот оркестар на Монте Карло и оттогаш постојано се присутни на светската музичка сцена. Имаат издадено повеќе компакт-дискови, меѓу кои и еден со дела на познатиот американски џез-музичар и пијанист Бил Еванс, како и еден албум целосно посветен на нивните композиции. Редовни гости се и на некои од најпопуларните интернационални фестивали за гитара. Покрај дела од класичната музика, квартетот често изведува и дела од џез-музиката.
Според најавите, на концертнта програмата ќе бидат дела на Ф. Карули, Ф. Лоли, О. Фотрат, Ж. Бизе, Р. Деланоф, А. Дел Фа.
OhridNews