По денешната средба со американскиот амбасадор Филип Рикер во Мала Речица, лидерот на ДУИ, Али Ахмети истакна дека решението за отворените прашања го гледа во  политичкиот дијалог, а не во излегувањето од Владата.

„Ако ДУИ ја напушти владината коалиција, тоа воопшто нема да придонесе за решавање на спорот со името и внатрешните проблеми на земјата“, истакна Ахмети, пренесува „Макфакс“.

Тој рече дека  за ДУИ приоритет е спроведувањето на Рамковниот договор и интеграциите кон НАТО и ЕУ.

„ДУИ не сака да отвара криза, туку се залага за дијалог. Ако излеземе од Владата што ќе правиме, ќе стапиме во штрајк со глад или ќе протестираме пред институциите? Тоа воопшто не е успех, ниту пак е успех бојкотот на државните институции“, посочи Ахмети и додаде дека  сите политички субјекти треба да придонесат за решавање на проблемите.

Ахмети и по средбата со лидерот на најголемата опозициска партија Бранко Црвенкоски, пред неколку дена,  рече дека ДУИ нема да излезе од Владата и според него сите нерешени прашања треба да се решат низ разговор меѓу коалиционите партнери.

Амбасадорот Рикер без коментар за тоа дали ДУИ треба да излезе од Владата или не, тој рече дека тоа е одлука на партијата.

Тој истакна дека во моментов е значаен придонесот на сите партии, за  евроинтеграциите на земјава.

„Сега е можноста да се изнајде волја и пат за видливи промени“, укажа Рикер.

Тој додаде дека е потребно да се работи на меѓуетничкиот и политичкиот дијалог.

„Не треба да бидете заробени во рамките на тесни политики што се мали во однос на предизвиците со кои се соочувате“, рече Рикер.

Се претпоставуваше дека владината коалиција се ниша, но Ахмети веќе неколку пати дециден и останува со ист став дека Сопот, Хашките случаи, статусот на борците на ОНА за ДУИ не се тешки и радикални теми за кои неговата партија би излегла од Влада.

OhridNews