Фудбалерите на Струга Трим Лум и Шкупи во супер натпревар кој го одиграа вчера на Градскиот стадион во Струга ги поделија бодовите ремизирајќи 1-1, полувреме (0-0) во рамките од четвртата рунда во Првата лига. Дуелот изобилуваше со голема борба на моменти и преостра што резултатираше со четири црвени картони. Во тимот на Струга ТЛ поцрвенеа фудбалерите Арбен Тафе и Ардит Касами и тренерот Јетон Беќири, додека кај чаирчани предвреме мечот го заврши Марин Јурина.
- Мора и треба да бидеме задоволни со оглед на случувањата во текот на натпреварот. Турбуленциите не ја пореметија екипата која покажа многу добар карактер и бодот го заслужи во целост. Во досегашниот шампионат можеме да бидеме задоволни, но напоменав и претходниот пат дека треба да работиме и да се подобруваме од натпревар во натпревар. – изјави стратегот на стружани Беќири.
Херој во ремито на струшките „црвено бели“ беше охриѓанецот Јахја Абдулхади кој изедначувачкиот погодок го постигна после неколку минути откако влезе во игра.
- – Среќен сум за екипата која заслужи многу повеќе од еден бод. Овој пат улогата да постигнам погодок ја имав јас и навистина многу сум задоволен. Но, најмногу ме радува духот на екипата која не се откажа кога имаше резултатска негатива и играчки дефицит. – рече Јахја.
Во отсуство на шефот на стручниот штаб, екипата на Шкупи ја предводеше фудбалерот Бајрами Мухарем.
- Натпреварот беше многу содржаен и возбудлив. Текот на мечот одеше во наш прилог. Успеавме да поведеме да бидеме со играч повеќе, но не успеавме да ја задржиме предноста и да ги освоиме бодовите. Од бодовното салдо од одиграните четири мечеви не можеме да бидеме задоволни, бидејќи требаше да имаме барем 2-3 бодови повеќе. Екипата има две недели пред себе добро да се подготви, да го реши тренерското прашање и да ги добие следните два натпревари на домашен терен. – истакна Мухарем.
Во Првата лига следува двонеделна пауза поради обврските на А репрезентацијата.
OhridNews
Прва МФЛ: Реми со многу возбудувања и борба во Струга (видео)