Со нетрпение и долго го очекувавме денот кога ќе почнеме да се подготвуваме за официјален натпревар, – рече црногорскиот чувар на мрежата во охридскиот состав Јагош Брауновиќ на средбата со медиумите во пресрет на почетокот на новата сезона во Супер лигата.
„Гладијаторите“ шампионатот ќе го отворат на гостински терен против еден од трите дебитанти во групата А од Супер лигата, Голден Арт КЛ7.
Премногу не знаеме за противникот, но сигурно и тие ќе бидат мотивирани како нас и ќе сакаат да извлечат позитивен резултат. Факт е дека сме фаворити, но имаме обврска да сето тоа да го потврдиме на теренот каде мора да бидеме концетрирани од првата до последната минута. – истакна Брауновиќ.
Ракометниот клуб Охрид го задржа костурот на екипата и со многу мали измени ќе ја започне осмата сезона во македонското елитно друштво.
Дел од Охрид не се повеќе Кристијан Анастасовски и Лексо Цицелишвили, а дојде Игор Чагаљ. Организациски добивме нов претседател во името на Виктор Мизо, откако Димитар Василески поднесе оставка после завршување на сезоната и поништување на резултатите. Охрид како клуб ќе атакува на првата позиција во групата А, а потоа ќе следува пауза во која сите заедно ќе седнеме и ќе разговараме околу планоците и целите. – изјави спортскиот директор, Горан Недески.
Првата полусезона од Супер лигата ќе се игра во згуснат распоред „петок-понеделник“. Ракометарите и останатите членови од клубовите ќе бидат тестирани на вирусот ковид -19 на средината од неделата за резултатите да важат за два натпревари. Позитивните случаи ќе бидат третирани како повредени ракометари.
Средбата помеѓу Голден Арт КЛ7 – Охрид се игра утре (петок) во 19 часот. Натпреварот ќе биде емитуван во живо на спортскиот канал МТВ 3.
Мх.П.