Вработените во ЕМО- Охрид, на кои не им се исплатени повеќе од 40 плати и придонеси, по тромесечниот принуден одмор денес требаше да почнат со работа. Но, со писмен допис од раководството тие беа известени дека поради немање услови за работа во фирмата принудниот одмор им продолжува до месец јуни. Со тоа продолжува нивната агонија во која се наоѓаат со години и неизвесноста како ќе биде решен нивниот статус и дали ќе ги добијат платите кои им ги должи фирмата.
– Во јавноста се пласираат разни информации- дека вработените ќе ги преземе државна фирма, или странска фирма, но ништо од тоа не се реализира. Западно европските фирми не ги интересира вработување на лица кои се постари од 30 години. Од страна на раководството денес ни беше повторено дека се прават напори да се реши проблемот, дека работи цела екипа, но резултатите ги нема. Никаква повратна информација немаме за било каква интервенција за вработените да можат да преживеат. Тие се принудени да се снаоѓаат како знаат и умеат за да се прехранат, вели Миле Крстаноски, претседател на синдикатот на ЕМО- Охрид.
Тој додава дека од синдикатот било побарано да даде согласност за повторно упатување на вработените на 70% платен принуден одмор, но Крстески потенцира дека синдикатот не е надлежен да донесува било какви одлуки во поглед на упатување на одмор,туку негова обврска е да ги штити вработените и бара исполнување на нивните права согласно законот.
Претседателот на регионалниот одбор на ССМ, Драган Цветаноски потенцира дека повеќемесечното праќање на вработените на принуден одмор се коси со законот за работни односи и колективните договори.
– Не се преземаат никакви активности во однос на почитување на правата на работниците и преземање конкретни мерки од страна на раководството за продолжување на процесот на производство. Ако определна фирма 45 дена е неспособна за плаќање на плати и обврски, законска обврска е на раководството да се поведе постапка за стечај. Ние не сме фирмата да оди под стечај, но во вакви услови тоа е решението, бидејќи вака вработените се третираат дека се во работен однос и дека земаат плата и им течат придонеси што не е точно. Вработените никако не се заштитени и затоа апелирам да се преземат мерки од страна на надлежните, вели Цветаноски.
Вработените во ЕМО- Охрид со неколку мирни протести во Охрид и Скопје побараа од надлежните конечно да се решат проблемите во ЕМО Охрид и да биде позната понатамошната судбина на фирмата. И покрај бројните ветувања, нивните барања за исплата на заостанатите над 40 плати , придонеси и решавањето на нивниот статус , не се исполнети.
Т.К.