Агенцијата за млади и спорт годинава ќе распредели 74 милиони денари, што е 20 отсто помалку од лани, а сумата би покрила околу 30 отсто од барањата на спортските федерации, пишува Дневник.

Македонскиот спорт за годинава ќе добие 74 милиони денари од државниот буџет за финансирање на меѓународните и други програми на спортските федерации, што е за околу 20 отсто помалку од онаа сума што беше издвоена за минатата година. „Кастрењето“ на оваа сума за годинава, чија распределба ја врши Агенцијата за млади и спорт, е поради економската криза и состојбата во државниот буџет за оваа година, велат од АМС.

Сумата од 74 милиони денари е всушност доволна да покрие околу 30 отсто од потребите за остварување на програмите што ги доставиле спортските федерации до АМС.

Сега кога Владата ја одобри сумата од 74 милиони денари, во АМС ќе направат план како да се поделат тие средства, базиран на квалитетот на „понудата“ и на принципите за распределба. Деталите ќе бидат објавени најдоцна за еден месец.

Со овие средства се финансираат големите традиционални спортски манифестации како што се Охридскиот пливачки маратон, боксерскиот „Златен гонг“, Илинденскиот кајак-слалом и други меѓународни настани. Покрај тоа, од овој „спортски буџет“ се финансираат и стручните лица што работат во 49. федерации колку што ги има во Македонија. Еден дел од парите оди и за финансирање на училишните и студентските натпревари.

Најмногу од ова намалување на „спортските финансии“ ќе бидат погодени помалите федерации, кои се врзани со организации на меѓународни настани.

ohridnews