Во врска со одржаната прес конференција на пратеникот Томе Чинговски за реализацијата на Проектот “ изградба на Булеварот Железничка” во Охрид (транзитен дел од Магистралниот пат М-5 и наречен Северна транзитна сообраќајница), со реакција се јави Агенцијата за државни патишта. Во соопштението за јавност се вели:

„Агенцијата за државни патишта остро реагира на неиздржаните реакции за наводно “лажно ветување” на Владата на Република Македонија за изградба на оваа транзитна сообраќајница.

Агенцијата за државни патишта одговорно тврди дека со цела сериозност пристапува кон реализација на овој проект, и покрајтоа тоа што во минатиот период се соочивме со непредвидено намалување на динамиката на градежните работи предизвикани од недостатоците на главниот ревидиран проект кој е превземен за реализација од Општина Охрид.

Потенцираме дека по извршен увид на терен од страна на стручни лица одговорни за квалитетот на изведбата утврдено е дека неопхподни се дополнувања на ревидираниот проект и изведување на дополнителни градежни работи во голем обем кои се однесуваат на решавање на приклучните улици во вертикална и хоризонтална смисла, нивелетско решавање на шахтите и капаците од постојната канализација, проекти за санација на постојните мостови и изградба на нов мост и пропуст, проект за атмосверска канализација, како и технички решенија за дислокација на постојната електрична и телекомуникациона мрежа.

Доколку Агенцијата за државни патишта продолжеше со реализација на “ревидираниот”проект онака како што започнала Општината за реализација пред повеќе години, граѓаните ќе се соочеа со низа проблеми и куќите долж улицата ќе беа често поплавувани.

Поради корегирање на споменатите технички пропусти на главниот ревидиран проект, Агенцијата за државни патишта веќе направи дополнување на проектната документација и превзема обврска за реализација на сите дополнителни градежни работи со цел за квалитетна и правилна изведба на градбата.

Дополнително треба да се земат во предвид и нерешените проблеми со имотно-правните работи кои се обврска на општината Охрид. Имено и покрај превземената обврска на општината за обезбедување на трасата за градба, општината сеуште се справува со сериозни нерешени проблеми и дивоградби на трасата кои не се
одстранети.

Во име на реализација на проектот, Агенцијата за државни патишта продолжува со градбата. За неколку месеци и покрај многубројните проблеми граѓаните на Охрид конечно ке го добијат долгоочекуваното булеварско решение на Железничка.

Сметаме дека е крајно некоретно проблемите при реализација на вакви инфраструкитрни објекти важни за сите граѓани да се користат за добивање на политички поени“, се вели во соопштението на Агенцијата за државни патишта.

Ohridnews