Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски денеска оствари средба со македонскиот пливачки херој Марко Пејчиновски. Мојсовски изрази задоволство што спортист од ваков ранг е во Агенцијата, која воедно е највисока државна институција за спорт во државата.

Тој искажа подготвеност АМС да помогне во подготовките за следниот подвиг и додаде дека на Марко е да постигнува резултати, а Агенцијата е тука да го поддржува.

Директорот на АМС искажа подготвеност Агенцијата да ги помогне идните подвизи на овој млад спортист, а помошта ќе биде еднократна или на месечна основа, во зависност од потребите на Марко, информираат од Агенцијата.

Марко по овој повод кажа за неговата зацртана и сега веќе и остварена цел оваа година да исплива 250 км со 10 препливувања.

За оваа цел Марко започна со подготовки уште од 15 октомври 2021 година, кога во период од три месеци неделно препливуваше по 60 км. Првата препливана делница беше Радожда – Охрид, по што следуваа уште девет препливувања, а заврши со делницата Охрид- Струга каде што од дозволени 10 минути Марко одмори четири минути, по што продолжи Струга – Свети Наум со пауза од шест минути, по што повторно се упати кон Охрид. Со ова Марко вкупно исплива 64 км.

Инаку, Марко Пејчиноски е најмладиот пливач кој го препливал Охридското Езеро од Охрид до Свети Наум во двата правци.

OhridNews