И по изминати толку години за жал сеништата од минатото повторно се појавуваат и го вознемируваат кроткото и мирољубиво македонско битие. Денес, не само што се одрекува македонската црковна афтокефалност, туку се негира и македонскиот национален идентитет, а  се загрозува и опстојот на македонската држава, рече во своето обраќање пред верниците Митрополитот Повардарски  Агатангел, во катедралната црква Св. Софија по завршувањето на богослужбата со која се заокружи Јубилејниот Црковно – народен Собор што викендов се одржуваше во Струга и Охрид.

  • Преку перфидни предлози и лицемерни решенија му се нуди на македонскиот народ самоукинување и автогеноцид. Овие современи Понтиј Пилати и апостоли на немирот, надоградени со заслепувачка безумна омраза и со високо мислење за себе, кои се далеку од Бога и од Неговата Света правда и вистина, со години ја пеплосуваат македонската душа, го вознемируваат и разединуваат народот по сите основи. Но македонскиот народ е умен, трпелив, и сталожен народ. Ги знае своите потреби и интереси добро ја владее ситуацијата и донесува правилни одлуки, тогаш кога се загрозува неговото достоинство и неговото право на живот и постоење. Ние, како Македонци и како Македонска православна црква, наследничка на великата Охридска архиепископија и понатаму во слобода и автокефалност ќе ги славиме своите јубилеи, ќе го градиме мирот и љубовта во човечките души, потпирајќи се на Исуса Христа и на Неговите спасоносни пораки и посланија.МПЦ посветено и предадено и понатаму ќе го сее словото христово на нивата Господова од каде ќе никнува свет, просветен и осветен македонски народ, рече Митрополитот Агатангел.

Тој потенцира дека значењето на Охридската Архиепископија е огромно и непроценливо, бидејќи преку нејзината вековна мисија и евангелско човекољубие македонскиот народ го зачувал својот јазик и својата идентитетска посебност, па затоа годинава се прославува 1000 годишнината од нејзиното формирање. Како што рече Митрополит Агатангел, малку народи во светот имаат можност да прославуваат вакви јубилеи и значајни историски настани.

  • Токму Охридската архиепископија е потврда за древноста на македонскиот народ и неговата цивилизација, која на Европа во наследство и оставила огромни и бесценети духовни вредности, рече Митрополитот Повардарски, Агатангел.

Митрополитот Агатангел ја критикуваше СПЦ која, како што рече, и натаму одбива да ја признае реалноста за постоењето на соседната сестринска црква, иако на историскиот настан пред шест децении нејзини свештеници богослужеле заедно со македонските.

 

OhridNews