Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска треба да ги распише локалните избори, кои ќе се одржат на 17 октомври годинава.
Иако кампањата почнува три недели пред денот на изборите, партиите веќе се активни на терен и најавуваат изборни коалиции. Дел, веќе излегоа со свои кандидати и најавија соработки за претстојните локални избори.
Кандидат на СДСМ за Охрид е актуелниот градоначалник, Константин Георгиески, додека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја трча градоначалничката трка со актуелниот пратеник во законодавниот дом, Кирил Пецаков.
СДСМ ќе коалицира со ДУИ, БЕСА и ДПА. Најавија дека меѓусебната поддршка во некои општини ќе си ја дадат уште во првиот круг на изборите, а во други општини ќе се поддржат во вториот круг. Од СДСМ велат дека тие се фаворити во сите градови, а тоа го потврдувале и анкетите.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе излезе со комплетно нови кандидати за локалните избори. Сите кандидати конечно ќе бидат објавени во септември.
Џафери најави дека согласно законските термини, изборите ќе се распишат денес за 17 октомври.Ако се земе во предвид дека предходните локални избори беа на 15 октомври 2007 година, од 15 до 18 октомври се исполнува четиригодишен мандат на градоначалниците и советниците
Она што останува неизвесно за овој изборен процес е дали ќе биде по нови правила за изборниот праг на независните кандидати, кои веќе се влезени во собраниска процедура.
Претседателот Стево Пендаровски предходно за ова се изјасни дека нема да ги потпише измените на Изборниот законик во сегашната форма, пред се поради двата проценти праг наменети за независни кандидати. Предложените измени на Изборниот законик би го добиле потписот на шефот на државата само доколку во однос на прагот за независните кандидати се постигне поширок консензус меѓу партиите. Според него е непримерно за толку кратко време пред избори да се менува Изборниот законик, што не е согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР, тоа да не се прави шест месеци пред избори.
OhridNews