Заменик-министерот за одбрана на Украина поднесе оставка откако беше соопштено дека Министерството купувало храна по многупати повисоки цени од редовните.

Прехранбени производи како јајца и компири биле нарачувани по цени два до три пати повисоки од просечните, што укажува на можна корупција, објави во саботата украински портал.

Министерството ги отфрли обвинувањата за корупција, а во изјава на Фејсбук министерот за одбрана, Олексиј Резников, рече дека надуените цени се резултат на грешка на добавувачот.

Веднаш потоа оставка на функцијата подлесе неговиот заменик, Вјачеслав Шаповалов, кој беше одговорен за набавки.

Во меѓувреме, заменик-јавниот обвинител, Олексеј Симоненко, и официјално е разрешен откако вчера поднесе оставка поради обвинувањата за корупција. Наводно тој во декември отишол на одмор во Шпанија и користел мерцедес кој бил во сопственост на бизнисмен од Лавов, чија тутунска фабрика произведувала цигари за црниот пазар, пишува „Киев Индипендент“.

Согласно воведената вонредна состојба, на мажите на возраст меѓу 18 и 60 години не им е дозволено да ја напуштат Украина за време на војната.

По оставката на Симоненко, Советот за национална безбедност и одбрана им забрани на највисоките функционери да патуваат во странство, освен кога тоа го вршат по службени задолженија.

OhridNews