Се уште трае распитот на адвокатот Васко Стојков, со кого Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, замина во Белград рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по работната средба со раководствата на СВР Битола, СВР Охрид и РЦ Запад.
Адвокатот е задржан на распит којшто се уште трае во рамките на 24-часовното задржување и кога ќе заврши службите ќе одлучат што понатаму, рече Спасовски во Охрид.
Во однос на возачот кој го превезуваше Палевски во Турција и кој беше приведен на влез во земјава на граничен премин кај Дојран, Спасовски рече дека ќе биде поднесена кривилчна пријава.
Согласно она што го имаме потврдено, службите ме информираа дека ќе се поднесе кривична пријава, изјави Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на СВР-Охрид.
Одговарајќи на новинарско прашање во поглед на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека полицијата предоцна ја започнала истрагата за убиството на малата Вања Ѓорчевска, Спасовски порача дека политиканството во вакви случаи на убиства, уште еднаш ги убива жртвите и тоа не е добро.
Тоа се политиканства од најдолен вид што ги преземаат такви екстремни десничарски кругови. Не посакувам сите да се впуштаме во политиканство, туку да се прошири истрагата и сите криминални гнезда мора да бидат откриени и целосно уништени. Секако дека тука се испитуваат и многу видови на комуникации кои што биле изминатиот период и со осомничените и со лица надвор од оваа група. Ќе се дадат и многу други одговори во однос на конекцијата. Тоа е важно за истрагата за да бидат радикалните структури разбиени. Упатувам апел до сите да имаме одговорно однесување. И Мицкоски и сите што имаат докази, да ги предадат веднаш на истражните органи. Доколку не се предадат тие докази, тоа е кривично дело, додаде Спасовски.
Повтори уште еднаш дека телото на Вања е пронајдено во атарот на селото Бразда, а се што е пронајдено како материјален доказ е веќе во Јавното обвинителство.
Започната е целосната постапка за екстрадиција на Палевски, доставени се сите материјали до Министерството за правда, уште од вчера се работеше на подготовката и преведувањето на целосната документација и очекувам дека веќе денес таа ќе биде испратена во Турција, потенцираше Спасовски.
Н.С.Ј.