Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на таткото на убиената Вања Ѓорчевска, бара куќен притвор за неговиот клиент, кој е меѓу осомничените за кого Обвинителството соопшти дека споделувал информации со извршителите на убиството за движењето на неговата ќерка.
Според Туфегџиќ, не е оправдана ниту една мерка за таткото на Вања.
Иако истакнавме посебен предлог за замена на мерката притвор во мерка куќен притвор, свесен сум дека постапката околу укинувањето на притворот ќе трае. Иако кон осомничениот не е оправдана ниту една мерка, сепак со мерката куќен притвор ќе се задржи кохезијата на семејството кое е длабоко погодено со оваа трагедија, изјави Туфегџиќ.
Појаснува дека до надлежниот Јавен обвинител е доставена ургенција за постапување.
До надлежниот Јавен обвинител е доставена ургенција за постапување со оглед дека лицето има дадено исказ во прелиминарна фаза на предистрага, кога му бил определен краткотраен притвор, за да биде повикано во фаза на истрага да даде целосен исказ со кој ќе појасни што видел, слушнал и со кои лица превземал дејствија со цел пронаоѓање на неговата ќерка во период од 27 ноември до денот на неговото лишување од слобода, воедно како, со кого и на кој начин ги обезбедувал и предавал видео записите на полициските службеници, како и за многу други прашања битни за целосно расчистување на овој настан, вели Туфегџиќ.
Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски се наоѓа во притвор во Скопје, додека Обвинителството ја води истрагата за убиството на неговата 14-годишна ќерка која беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември минатата година.
Во притвор се и осомничените Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се товарат за соучество во убиството, кое според првичните информации, го извршил Љупчо Палевски Палчо, кој е во привремен затвор во Турција.
Шестоосомничениот кој исто така е во притвор, е Стефан Димковски кој се сомничи дека му помогнал на Палчо да избега во Турција.
OhridNews