Овогодишното доделување на Греми помина во тага заради ненадејната смрт на Витни Хјустон, па во нејзина чест актерката и пејачка Џенифер Хадсон ја отпеа песната „I Will Always Love You“.
Сепак, музичкото шоу и припадна на Адел, 23 годишната пејачка, која во музичкиот свет влезе како бура. Лани ги оперираше гласните жици и по совет на лекарите мораше да направи пауза.
Својата голема музичка вечер британската пејачка, на првиот настап по операцијата, ја заврши со песната ‘Rolling In the Deep’, дигајќи ја публиката на нозе и предизвикувајќи овации.
Важни музички награди Адел доби за албум на годината, најизведувана песна и песна на годината, а исто така и за најдобра поп изведба, поп вокал и видео запис.
„Многу ви благодарам. Тоа е волшебно“, рече Адел примајќи ја годишната награда Греми, истовремено заблагодарувајќи се на секој радио уредник што ја пуштал песната ‘Rolling in the Deep’.
Минатата година за Адел беше навистина ѕвездена:нејзиниот албум „21“ е продаден во над 6,3 милиони примероци во САД и проби многу продажни рекорди, а 19 недели беше на првото место на Булбордовата листа на албуми.
Своите обожаватели ги освои пеејќи за настаните што и го скршиле срцето како ‘Rolling in the Deep’, ‘Someone Like You’, со која го заработи второто Греми за најдобра соло поп изведба и ‘Set Fire to the Rain’.
Втори големи победници се рокерите Foo Fighters кои „собраа“ пет Греми награди, вклучувајќи ја и наградата за најдобра рок изведба за својот хит „Walk“.
извор:„Макфакс“