Адел следната година ќе тргне на својата прва турнеја во последниве четири години. Деталите за турнејата, на која ќе го промовира својот нов албум „25“, пејачката ги објави на својата официјална веб страница. Адел на турнеја тргнува во февруари, а концерти ќе бидат одржани во арени ширум Велика Британија, Ирска и ширум Европа. Според медиумите, турнејата ќе започне со концерт во Белфаст на 29 февруари, а ќе заврши со настап во Антверпен на 13 јуни. Засега е познато дека британската пејачка ќе пее и во Стокхолм, Осло, Копенхаген, Хернинг, Берлин, Хамбург, Келн, Цирих, Лисабон, Барселона, Верона, Амстердам и Париз.

 

Билетите ќе бидат во продажба од следниот петок. Нејзиниот албум „25“ е продаден во 737 илјади примероци само во Велика Британија, со што го собори рекордот од 1997 година кој го држеше групата „Oasis“ со албумот “Be Here Now”, кој во ист временски период беше продаден во 696 илјади копии. Во САД нејзиниот студиски албум веќе достигна 2,3 милиони продадени примероци, а се проценува дека лесно ќе ја надмине и бројката од 2,9 милиони.