Ohridnews: Како ја оценувате годината што измина. Колку економската криза го погоди транспортниот бизнис?
Димитар Василески: 2009-та година беше тешка во сите сегменти од работењето, за стопанството првенствено, а бидејќи дејностите се поврзани годината што измина беше исклучително тешка и за транспортот. АД Галеб 2009 година, како и изминатите ја заврши со позитивен биланс, но во суштина изминатата беше мошне тешка година. Беа преземени доста активности да им помогнеме на граѓаните, па така беа озвозможени доста попусти за студенти, за најмладите, намалена е цената на билетите во градскиот и приградскиот сообраќај, особено на месечните билети, со цел да сме поблиску до стандардот на грѓаните и на еден начин да им возвратиме за нивната долгогодишна доверба.
Димитар Василески – АД „Галеб“
Ohridnews: Што очекувате од 2010 година?
Димитар Василески: На 2010 година гледаме оптимистички. Го зголемуваме и модернизираме возниот парк. Во план е набавка на два до три нови автобуси, го зголемуваме и бројот на линии, особено за странство, бидејќи сметаме дека со визната либерализација ќе има поголем интерес за патување и затоа со доза на оптимизам гледаме на 2010 година. Моментално располагаме со 25 возила во меѓуградскиот и меѓународниот превоз и 21 возило во градско – приградскиот превоз, кои се во доволен број со оглед на бројот на линииите на кои сообраќаме сега. Но, имајќи предвид дека ќе го шириме нашиот бизнис кон земјите од Европската унија сметаме дека ќе ни бидат потребни уште неколку возила кои ќе ги набавиме во 2010 година, а исто така цел ќе ни бидат и новите дестинации во Европа.
Ohridnews: Охрид се уште има парче асфалтиран простор кој го нарекуваме Автобуска станица. Кога може да очекуваме градот да добие модерна станица?
Димитар Василески: Ние сме најобични закупци на Автобуската станица, но во разговори со градоначалникот и јавното комунално претпријатије, кое инаку стопанисува со автобуската станица, постигнавме договор дека мора да се изгради и уреди една автобуска станица каква што му доликува на еден туристички центар како шпо е Охрид и работите на тој план дефинитивно ќе се променат во 2010 година. Еден дел ќе успеееме да средиме во оваа година, а се надеваме дека многу скоро ќе добиеме модерна и пред се функционална станица која ќе ги има сите потребни лиценци и дозволи, на што веќе се работи.
Ohridnews: Нелојална конкуренција се уште е голем проблем во транспортниот бизнис. Неодамна беше донесен и нов закон од кој вие транспортерите изразивте задоволство?
Димитар Василески: Законот е добар бидејќи 90% од забелешките на транспортните претпријатија се имплементирани за што изразуваме благодарност до министерот Јанакиески и раководителот Јолакоски кои навистина имаат разбирање за нашите проблеми. Но, примената на законските норми, посебно во борбата со дивите превозници не е на завидно ниво и речиси не се чувствува дека законот се применува. Добивме цврсти гаранции од Државниот инспекторат дека законот ќе се применува и дека ќе се се изрекуваат казни за прекршителите. Во тој контекст би кажал дека една од главните причини зошто не се зголемува бројот на линии и не се купуваат нови возила во градскиот и приградскиот сообраќај , кои се поспецифични, е токму тоа, затоа што ниту еден превозник, па и „Галеб“, не може да си го дозволи тоа се додека постои проблемот со дивите превозници.