Градоначалникот Никола Бакрачески да ја поништи постапката за доделување на линии за вршење општински јавен превоз и да ја преиспита целокупната постапка, бидејќи истата има голем број недоследности и се коси со законот. Ова денеска на прес конференција го побара директорот за сообраќај на А.Д. „Галеб“ Охрид Димитар Василески.

-Го повикувам градоначалникот и Советот на општина Охрид да го поништат овој скандалозен јавен повик без оглед што голем дел од линиите ги доби А.Д. „Галеб“ Охрид. Да се повлече одлуката за општински јавен превоз и во подготвувањето на новата предлог одлука да бидат вклучени и превозниците, бидејќи актуелната има доста незаконски членови и е многу штетна за легалните превозници на кои јавниот превоз им е примарна дејност и возат преку цела година. –изјави Василески.

Според него самата одлука за општински линиски превоз е неиздржана со голем број намерни или ненамерни грешки и пропусти кои се косат со Законот за јавен превоз.

-Една од најголемите е што се дозволува во општинскиот превоз да се вклучат комби возила 8+1 кои со закон се забранети да се употребуваат во вршење на редовен општински и меѓуопштински превоз, за што минимален капацитет на превозното средство пропишан со закон е 16+1. – рече Василески.

Тој истакна дека изготвувачите на одлуката за општински линиски превоз, кои како што посочи, истовремено се и членови на комисијата за спроведување на јавното наддавање за доделување на линиите во која нема ниту еден претставник на службата за јавни набавки при општина Охрид, ги довеле во заблуда членовите на советот.

-Во член 8 од одлуката за вршење општиннски превоз донесена од советот на општина Охрид стои дека истиот може да ги продолжи, да даде нови или да ги скрати постоечките линии. Со една одлука на Галеб му беа одземени сите линии во општинскиот сообраќај, а некои од нив компанијата ги одржуваше над 40 години.-истакна Василески.

Василески обвини дека со постапката за доделување линии за општински превоз се протежираат субјекти кои не ги исполнуваат законските услови за учество во јавното наддавање за сметка на сериозните компании.

-Одговорно тврдам дека Комисијата во состав: Митко Талески, Љупка Аслимоска Маркоска и Серафим Булоски им прогледа низ прсти на одредени превозници кои воопшто не ги исполнуваа потребните услови. Имам податоци дека добар дел од фирмите кои учествуваа на јавниот повик немаа повеќе од двајца возачи, а конкурираа на барем два пакети, иако услов за тоа е да поседуваат четири возила и исто толку возачи. Во случај да не сум во право јавно ја повикувам комисијата да ме демантира со тоа што ги покаже документите со кои превозниците учествуваа на јавниот оглас.– изјави Василески.

Како пример тој посочи дека дел од превозниците започнале да вршат јавен превоз на одредени дестинации во сезона иако постапката не била завршена, како и дека некои од нив не ги исполнувале критериумите за учество во истата.

-За првите 11 пакети од јавниот повик се уште немаме решенија, а за 12-от пакет кој се однесува на сезонски превоз ги добивме пред една недела. Месец дена превозниците возат без никаква дозвола и добиен пакет. Веројатно некој беше сигурен дека ќе добие линија. Дополнително за првите 11 пакети немаше никакви ограничувања и лимит, освен за дванаесетиот, што го сметаме за фаворизирање на превозниците рекреативци без вработени и возен парк.-додаде Васелески.

Тој ги повика сообраќајните инспектори во општината да излезат на терен и да ги казнат сите превозници кои враш јавен превоз, вклучително и А.Д. „Галеб“, затоа што од 24.06.2015 година врши јавен превоз со истечена дозвола.

-Сите превозници во општина Охрид возиме на диво. Јавно го повикувам надлежниот инспектор за сообраќај да излезе и да не казни и да ни ги одземе линиите, со напомена дека до правосилност на овој јавен повик селата во Охрид ќе останат без јавен превоз. Ова не е случај само со „Галеб“ туку и со сите превозници на кои им се истечени дозволите на 24-ти јуни. Успеаја од „Галеб“ по 65 години да направат див превозник ако некому тоа му беше намера.-рече Василески.

Тој упати критики и за ефикасноста на системот за јавни набавки креиран од општината, посoчувајќи дека истиот имал мноштво технички проблеми, поради што неколку превозници, вклучително и „Галеб“ поднеле жалби.

Според Василески во сатниците одредени со одлуката за вршење општински јавен превоз има сериозни недостатоци, кои се косат се секаква логика и финансиски ќе ги истоштат превозниците.

-За Лескоец се предвидени дури 38 поаѓања. Прашање дали има за третина од овие линии патници. Никој не бараше вакво зголемување на линиите. Исто така не е предвидено заштитно време, така што во кус интервал има голем број поаѓања од иста дестинација, што е надвор од секаква логика и нема економска оправданост. За Свињишта и Куратица последно поаѓање од Охрид е предвидено во 23.30, а за назад во 00.40 и тоа преку целата година. За плажата Славија пак предвидени се дури 154 поаѓања. Прашувам кој има направено анализа и која е потребата секој ден да има толку поаѓања. Тоа е се со цел да се отворат колку е можно повеќе линии и да се вметнат повеќе превозници, а не за да им се излезе во пресрет на патниците.-смета Василески.

Доколку општината не ги земе предвид искажаните забелешки и не ја поништи и преиспита, А.Д. „Галеб“ најави дека институционално ќе ја обжали одлуката за вршење општински јавен превоз.

ОhridNews се обрати до службата за информирање при општина Охрид со цел да добиеме став од надлежната институција за сериозните обвинувања искажани на денешната прес конференција. Оттаму ни беше кажано дека одговорните служби во локалната сампоуправа дополнително ќе го соопшти својот став.

OhridNews