Главниот државен ревизор Максим Ацевски во интервју за „Радио Слободна Европа“ посочува дека во ревизорските извештаи објавени во април констатирани се неправилности на Клиниката за онкологија и во Битолската болница.

Она што е идентично за двете клиники, вели Ацевски, е дека двете институции располагаат со акцелератор кој е наменет за лекување на онколошките пациенти, но поради несоздадени услови дадена е поголема сума на средства, а апаратите не се ставени во функција.

За Клиниката за онкологија, како што вели, контатирано е и дека имало проблем и во начинот на кој се водело издавањето на терапијата.

Ако ја погледнете содржината на конечниот ревизорски извештај или резимето, утврдено е дека има проблем во начинот на кој се водело издавањето на терапијата, лицата кои се ставаат на терапија, набавката на терапија и евиденцијата. Според пресметките, терапијата која е набавена е во износ од 6 милиони евра и се гледа дека е евидентирана на крај на годината. Негативно во работата на клиниката е што има голем број обврски кои се преземени надвор од предвидениот буџет за нејзино работење, вели Ацевски.

Прашан дали е побарана помош од истражителите, Ацевски појаснува дека доказите до кои доаѓаат ревизорите се чуваат во електронска форма и се што располагаат се предава на јавното обвинителство.

За Општата болница во Битола, ревизорите констатирале неправилности во делот на исполнувањето на законскиот минимум за работни часови за редовно работно време наспроти поголемата исплата за дежурства и во исто време ангажирањето на ист медицински персонал во други медицински установи.

OhridNews

фото. МИА