Локалната самоуправа ја призна грешката на своите претходници во врска со несоодветното поставување на автобуска постојка кај зградата Печијаре на булеварот „Туристичка“, веднаш после најфреквентниот кружен тек во градот кај „Охридска банка“ и донесе одлука оваа туристичка сезона таа да биде затворена. Алтернативно ќе се користи постојката наспроти маркетот „Тамаро“ (поранешен „Тим маркет“) пред градското пазариште.

Одлуката ја поздравија и автопревозниците, но сепак не ја почитуваат. Кај затворената постојка Печијаре секојдневно можат да се видат застанати автобуси и комбиња како качуваат или симнуваат патници. Се разбира на втората коловозна лента, со што повторно се создава тесно грло, што го забавува сообраќајот и предизвикува нервоза кај возачите.

Местото за застанување автобуси кај Печијаре е преуредено  во паркиралиште и бојадисано. Постојката е облепена со ленти и поставено е известување  дека истата е надвор од употреба и дека за јавен превоз се користи постојката на околу 200 метри подолу. Известувањето е напишано само на македонски јазик, па странските туристи кои користат јавен превоз мораат да се снаоѓаат со прашување за да се информираат. Додека бевме на местото ни пријдоа двајца полски туристи со прашање каде можат да фатат автобус за плажа.

Инаку, при изградбата на кружниот тек, беше најавено дека постојката кај Печијаре ќе биде дислоцирана, но тоа не беше направено, наводно поради грешка на изведувачот. Ова место со години е жешка сообраќајна точка за која градот никако да најде соодветно решение.

Г.М.