Добитник на Светската награда за хуманизам за 2021 година, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св. Климент на сите меридијани, е aкадемик Абдулах Шарчевиќ, редовен член на Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина – БиХ, еден од водечките филозофи и мислители на Балканот и поширко во Европа.

Професор Шарчевиќ е петнаесетти добитник, по ред, на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците: Александр Солжењицин, Херта Милер, потоа, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, како и Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.

Исклучително сум почестен што Охридската академија на хуманизмот го вброи моето име на оваа светска награда со огромен престиж што досега била доделена на личности кои оставиле длабоки траги во светската историја на хуманизмот. Со голема радост ви потврдувам дека ќе дојдам во Охрид за да го примам ова високо признание. – нагласува Шерчевиќ во писмото до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш.

Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе се одржи на 18 јануари, наспроти големиот празник Богојавление, во Kуќата Уранија (МАНУ) во Охрид.

Пригодни беседи за Шарчевиќ ќе одржат Јордан Плевнеш и акедемик Георги Старделов, бидејќи почетокот на универзитетската кариера на Шарчевиќ е врзан за Филозофскиот факултет во Скопје, а потоа продолжува во Сараево, Загреб и во повеќе европски и американски универзитети.

Наградата ќе ја врачи градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

Следниот ден, 19 јануари 2021 година, ќе се одржи Меѓународна онлајн конференција со наслов: „Охридската школа на хуманизмот од Средниот век до денес во Европа и светот“, на која, меѓу другите, ќе учествуваат претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, Жан-Патрик Конрад – претседател на Европската академија на науките и книжевностите во Лондон, Ралица Русева – историчар на уметноста, од Софија, Бугарија, Рикардо Бризи – социолог на Универзитетот во Болоња, Италија, професор Фабрис Далмеида, професор Пантеон Асас, Сорбона, во Париз, Франција.

В.М.