Македонскиот репрезент во регионалната кошаркарска лига-АБА, екипата на МЗТ Скопје Аеродром, во недела, во рамките на осмото коло за противник ќе ја има екипата на Цедевита.
МЗТ, со победата во Љубљана, над Олимпија, остварена во минатото коло, направи добра увертира пред мечот со една од најквалитетните екипи во ова натпреварување.
Македонскиот првак, во досегашниот дел од АБА лигата има забележано три победи и четири порази е се наоѓа во групата на осум екипи, кои имаат ист скор и се позиционирани од петтото до 12-то место.
Евролигашот Цедевита е на трета позиција на табелата, со учинок од пет победи и два пораза.
„Играме против уште еден евролигаш, кој оваа година има големи амбиции и состави одличен тим и донесе добар тренер. Ние играме на домашен терен, пред своите навивачи и ќе направиме се за да изненадиме уште еден фаворит“, рече тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Алеш Пипан.
Цедевита во Скопје ќе допатува со двајца играчи кои го носеле дресот на македонската репрезентација, Владо Илиевски и Маркиз Грин.
„Не чека голем предизвик. По мене, Цедевита е најголем фаворит за освојување на АБА лигата. Имаат исклучително квалитетни поединци кои играат на мојата позиција, Маркиз Грин и Владо Илиевски. Силата на овој тим доаѓа токму од овие позиции, затоа што и двајцата се опасни во нападот, и агресивни во одбраната. Се надевам на полна сала и дека ќе покажеме многу подобра игра во однос на последниот натпревар што го одигравме на домашен терен, па и да славиме на крајот“, рече плејмејкерот Огнен Стојановски.
Натпреварот помеѓу МЗТ и Цедевита ќе се одигра во недела, во СЦ Борис Трајковски, а ќе започне во 20:30 часот.
“макфакс“
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com