Кошаркарите на Зрински Мостар во ефикасен и возбудлив натпревар го совладаа тимот на АВ Охрид со 100-89 и го освоија целиот плен во спортската арена „Билјанини Извори“. „Галебите“ за разлика од минатите мечеви одиграа добар натпревар и недостасуваше малку среќа и дрското за поволен резултат.

Љубо Шамадан (Зрински Мостар) – Им честитам на момците за победата, а сакам да му честитам на АВ Охрид за добриот пречек и уште подобриот натпревар. Отсуството на два битни играчи се осети во нашата игра и многу беше тешко да се надохнади. Добро го завршивме првото полувреме, а уште подобро ја отворивме третата четвртина по која стигнавме до поголемо водство кое не беше достижно за домашната екипа.

Антонио Донески (АВ Охрид) – Најпрво да им честита за победата и добриот натпревар. Натпреварот со Зрински можеби е првиот кој го одигравме добро и покажавме што знаеме и умееме. Јас како капитен и целата екипа имаме замерки за судењето кое не беше фер цело време. Низ овие мечеви од АБА лигата стекнуваме веќе искуство кој во овој дел од сезоната излегува на виделина.

Тихомир Мустапиќ (Зрински Мостар) – Најпрво сакам да ги пофалам домаќините кои имаат очигледен напредок во играта за разлика од оној наш дуел во првата полусезона. Ние како што кажа и Шамадан игравме без два битни кошаркари, а тука допатувавме и без првиот тренер кој е болен и остана дома. Охриѓани ни створија одредени проблеми кога се опуштивме во втората четвртина и ни покажаа дека нема лесен противник. Брзо се консолидиравме, ги склопивме коцките како што треба и стигнавме до заслужена победа. 

Петар Чочороски (АВ Охрид) – Гостите одиграа добар натпревар и заслужено стигна до победата, а ние по долго време мислам дека одигравме меч за преодна оценка иако изгубивме. Го искористивме отсуството на подобрите играчи во тимот и им создадовме вистински проблеми. Постигнатите 89 поени против една од двете најдобри одбрани во АБА лигата покажуваат дека добро работиме и дека сме на правиот пат.

АБА: Тројките на Зрински им ги скратија крилјата на „галебите“

OhridNews