МЗТ Скопје неочекувано загуби од Шолнок со 72-81 и ги намали шансите за пласман на 6. позиција во Јадранската лига, што гарантира настап во еврокуповите, следната сезона.

 

Клучен за неуспехот во Унгарија, против последнопласираната екипа во Лигата, беше првото полувреме, што МЗТ го загуби со 28-41. Домаќините одиграа агресивно, добро во одбраната и ефикасно во нападот. Крилото на домаќините Бадер играше одлично и со 8 поени во првата четвртина ја растури одбраната на МЗТ. Разликата од 22-9 во корист на Шолнок по првите 10 минути, најави катастрофа на нашиот првак, но скопјани ги консолидираа редовите, одиграа егал во вториот период, 19-19, оставајќи простор за пресврт. Го најавија со серија од 12-4, на почетокот на второто полувреме и стасаа до негатива од само 5 поени.

Притисокот на МЗТ продолжи, со тројката на Кејд Дејвис стасавме до негатива од само еден поен, 56-57, но за жал комплетен пресврт не се случи. Геј и Флоренс со две тројки зголемија на 8 разлика на стартот од последниот период, што беше недостижно за МЗТ Скопје, иако завршните 10 минути им припаднаа на гостите со 20-13.

Триото Дејвис, Гечевски и Дамјан Стојановски дадоа по 15 поени и беа најефикасни во таборот на македонскиот шампион, а кај домаќините блескаше Бадер со 24 поени. Флоренс додаде 15 и тоа беа единствените двајца поединци кај Шолнок, со двоцифрен учинок во поени.

МЗТ Скопје останува на 8. позиција, со идентичен ефект на победи и порази, по 12, а во следното коло, на 16. март од 17, 30 часот ќе му биде домаќин на Партизан. Во последното 26. коло, македонскиот првак ќе и гостува на Крка.

“Екипа.мк“