Кошаркарите на АВ Охрид со пораз од Борац Чачак (100-71) ја започнаа Новата година и мечевите од есенската полусезона во јадранската Втора АБА лига. Домаќините до победата во серија иначе вкупно деветта сезонава стигнаа со доминатна игра добивајќи ги четирите четвртини (34-23, 20-15, 28-23, 18-10).

– Екипата на Борац беше агресивна. Нивната одбрана ни дозволи само 71 поен. Беше добро да се игра пред полна сала и бучна публика која знае што е квалитетна кошарка. Нас Емир Зимиќ и Бранко Јанески ни отпаднаа од составот поради повреди, а Јунаковиќ само што стигна и се воигрува со екипата. – изјави Петар Чочороски, тренер на охридската екипа.

Деби со 14 поени, 3 асистенции и 2 украдени топки во дресот на АВ Охрид имаше Мартин Јунаковиќ кој побара време да се вклопи во екипата и замислите на тренерот.

– Најпрво да им честитам на домашните кошаркари за победата и добрата атмосфера во салата. Што се однесува до мечот, тие даваа многу лесни поени наспроти нас кои за секој поен се мачевме. Ми треба малку време да се вклопам во мозаикот и да почнам да дишам со екипата и да се бориме сите заедно. – рече хрватскиот кошаркар.

Борац Чачак со триумфот го задржа чекорот на врвот, додека охриѓани со 11-от пораз се наоѓаат на дното од табелата во Втората АБА лига.

OhridNews