Кошаркарите на Ловчен Цетиње ја забележаа првата победа на гостински терен сезонава во Јадранската Втора АБА лига, откако со 96-75 (21-20, 23-21, 27-16, 25-18) го совладаа тимот на АВ Охрид во 13-та рунда од шампионатот. 

Охридските кошаркари на стартот од натпреварот ги повторија грешките од минатите мечеви и им дозволија на гостите да поведат со 10-2. „Црвените“ го искористија налетот и стигнаа до двоцифрена предност 15-5. Поентерски не застанаа гостите и дојдоа до најголема предност (21-8). Највисоката негатива ги отрезна домашните кошаркари кои со серија 12-0 стигнаа до минус еден (21-20) после десет минути игра.

Поентерската серија на „галебите“ продолжи и во вториот квартал во кој стигнаа до предност (28-21). Оваа негатива ги „разбуди“ гостите кои со две мини серии дојдоа до егал (32-32). Во последните минути од првото полувреме во играта кош за кош подобро се снајде составот на Ловчен и со плус три (44-41) замина на одмор.

Брзоплетата игра и техничките грешки во напад на охриѓани на стартот од третиот период максимално ги искористија кошаркарите на Ловчен кои со 6-0 серија прво поведоа со 50-41. Одма потоа дојдоа и до двоцифрена предност (54-43). „Црвените“ не застанаа и со четири поени во серија стигнаа до највисокото водство на мечот (58-44). Охриѓани возвратија со иста мера за 58-48, но до крајот на третиот период гостите не дозволија враќање на домаќините и со позитива од 14 поени (71-57) влегоа во последните десет минути.

Решавачките десет минути во „Билјанини Извори“ кошаркарите на Ловчен ги отворија со 5-0 и дојдоа до најголема предност во текот на натпреварот (76-57). Предноста иако осцилираше гостинските кошаркари ја задржаа до крајот на мечот и победија со 96-75.

Најпрецизен во гостинскиот состав беше Иван Јелениќ со 31 кош, додека кај домаќините најефикасни беа Рос Кенет и Мартин Јунаковиќ со 26 односно 23 кошеви.

OhridNews