На атрактивнаа локација во месноста Чекоштина живеалишта постојат со децении. Но оваа атрактивна населба од која се пружа убав поглед на Охрид и Езерото, последната деценија стана уште поатрактивна. Таму се изградија прекрасни куќи, но и сместувачки капацитети, а се гради и натаму. Но, со проблеми, на што укажуваат локалните жители обединети во здружението „Чекоштина урбан“, преку кое бараат од општината соодветно да го уреди ова населено место како што доликува на една урбана населба. Но тука е проблемот.

Посочениот населен потег не е во рамки на утврдените урбани зони со уредено градежно земјиште, при што општина Охрид нема обврска за комунално уредување на истиот, велат од локалната самоуправа.

Сите граѓани односно инвеститори кои граделе објекти на овој потег во договорите за регулирање на правата и обврските за уредување на градежно земјиште, кои ги имаат склучено со општина Охрид имаат дадено согласност дека се обврзуваат на сопствен трошок да ги регулираат обврските од член. 97 од Законот за градежно земјиште со кој инвеститорот се ослободува од плаќање на надоместокот за уредување на градежно земјиште – комуналии. – појаснуваат од Општина Охрид.

Според Здружението „Чекоштина урбан“, ваквите договори претставуваат заобиколување на Законот.

Членот 97 на кој се повикувате овозможува ослободување целосно или на дел од надоместокот за уредување на земјиштето. Но таму се вели „по исклучок“, а не како решение да се „откачат“ од државата овие маргинализирани граѓани. По Закон, Општината е должна при урбанизацијата да води сметка за рамномерен развој на градот! Дали некој очекува граѓаните кои потпишале такви договори да пристапат кон експропријации на земјиштето потребно за заедничка намена? Апсурд! И тоа е една од причините заради која се здруживме. – велат од „Чекоштина урбан“.

Локалните жители истакнуваат дека во Чекоштина сепак живеат повеќе граѓани на Општина Охрид кои се соочуваат со исти и поголеми проблеми како и останатите жители на градот. Додаваат дека минималната инфраструктура изградена таму тие скапо ја платиле, посочувајќи дека урбанизацијата на оваа населба отвара нови перпективи за градот Охрид.

Добро е познато дека имаше обид да се урбанизира голем опфат на овој простор, но тој неславно заврши, се заборави. А и на секој лаик му е јасано дека овде се работи за огромни можности за урбан развој на Општината. – истакнуваат од „Чекоштина урбан“.

Од општината информираат дека на средба со жителите од овој дел на градот одржана во месец јули, со градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиески, било посочено дека во рамки на општинскиот буџет за 2021 година се планира издвојување на средства за соодветно уредување на просторот во населбата „Чекоштина“ и решавање на приоритетните комунални проблеми.

Во овој период не постоеше реална можност за спроведување на постапка за изработка на проекти и спроведување на тендерски постапки за уредување на градежно земјиште, бидејќи истите не беа предвидени во програмите за 2020 година. Во моментов општина Охрид има активен тендер за јавно осветлување и ќе се вложат напори во текот на наредниот период да биде исполнето барањето на жителите за решавање на проблемот со осветлување. Општина Охрид останува отворена за соработка и продолжува да работи во интерес на потребите на граѓаните. Се упатува јавен повик до сите жители на оваа населба да ги поднесат своите предлози и барања до службите на општина Охрид и активно да се вклучат на средбите со граѓани кои се организираат со жителите на месните и урбаните заедници.-  велат од Општина Охрид.

Жителите на Чекоштина, пак, изразуваат надеж дека по „медиумската комуникација“ дека нивната населба ќе го добие потребното внимание.

Г.М.