Денеска во просториите на Културно информативниот центар „Култура 365“ во Охрид, беше одбележана 99 годишнината од раѓањето на писателот Иван Точко, односно 80 години од неговото литературно творештво. Неговиот богат творечки опус опафаќа голем број на раскази, минијатури, новели и драми, застанувајќи во редот на основоположниците на повоената македонска литература. Со својот уникатен стил на пишување, окарактеризиран е како последниот македонски романтичар.

Првите прозни обиди ги има во далечната 1933 година со расказот „Нашиот поет“, продолжувајќи поизразито во виорните години на НОБ.  Во повоениот период на штотуку ослободената татковина, се истакнува како зрел пистал подготвен да придонесе за македонската литература.

Неговото творештво зрачи со големи хумани пораки, со поттик да се прави добрина. Во текот на целиот свој живот, Точко е под силно влијание на неговиот роден Охрид, раскажувајќи за различните ситуации во кои може да се најде човекот. Во неговите новели и минијатури, сугерира за храброста, истовремено потенцирајќи ја одбивноста кон омразата. Драмските текстови објавени под заднички наслов „Охридска трилогија“, остануваат да сведочат за неговата уметничка природа. Драмата „Робинка“ и „Плуто“ ни покажуваат дека авторот само со неколку зборови, може да ја опфати целата психолошска ситуација, превртливоста во животот и невозвратената љубов.

Преку внесување на фолклорни елементи во своите раскази, охридскиот писател Иван Точко, ги оживува легендите. Традиционалните мотиви се опфатени во расказите „Бојана“, „Кавалот“ и „Мајсторот“, прикажувајќи ја немоќта на „даскалите“ да се адаптираат кон бедните услови  во тоа време. Треба да се посочи и неговиот придонес во новинарството, публицистиката и детската литература.

Точко на еден начин успеа да ја совлада смртта, бидејќи неговите дела остануваат да живеат вечно. Тие претставуваат наследство кое нема временска граница, а преку неговиот творечки опус можеме да вкусиме „грозд од лозјето“ кое го остави зад себе.

Инаку, Иван Точко е роден на 9-ти јануари 1914-та во Охрид, а животот му згаснува во 1973-тата година.

O.T.