Во недела на 19 септември ќе се одржи осмиот по ред Велешки пливачки маратон. Стартот е во 10 часот пред ресторанот „Бела Вода“, а годинава ќе има четири пливачки трки во машка и женска конкуренција. Првата е на 2500 метри за рекреативци и 2500 метри за членови на пливачките клубови од земјава до 14 години. Како новина е пливачката трка за членови на пливачки клубови до 11 години кои ќе се натпреваруваат на 800 метри. Маратонот е со должина пет километри.

Годинава заради безбедноста на пливачите патеката е преполовена со тоа што ќе се плива истата километража, но со двојно повеќе кругови, а со што воедно и  гледачите цело време ќе имаат преглед  на  трката, информира на денешниот прес Роберт Папазов член на организациониот одбор. Безбедноста на пливачите ќе ја обезбедуваат 20 кајакари и 20 спасители на вода.

Досега се пријавија 30-тина пливачи, а сите заинтересирани можат да се пријават на фејсбук страната на Велешки пливачки маратон. На маратонот ќе присуствува и Томи Стефановски, најдобриот маратонски пливач, а во официјалната маратонска трка ќе учествуваат и македонските врвни пливачи Александар Илиевски и Евгени Поп Ацев. Сите учесници и публиката ќе мора да приложат сертификат за примена вакцина против Ковид-19 или негативен тест. Годинава Велешкиот пливачки маратон не е дел од македонскиот куп во далечинско пливање.

Велешкиот пливачки маратон како и досега го организира Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“ заедно со Кајак клубот „Бабуна“ и останатите кајак клубови од градот  и Општинскиот Црвен крст Велес, под покровителство на Општина Велес.