Со низа културни манифестации и активности на невладини здруженија, политички партии и градските власти, во Охрид денеска се одбележува празникот на жената 8-ми Март. Празникот кој ја симболизира едновековната борба за рамноправност на жената и годинава се одбележува вообичаено, иако впечаток е дека ја нема некогашната осмомартовска еуфорија. Мајките,  сопругите, колешките, девоките денеска добиваат цвеќе и други подароци.

Цвеќе и подарок од градоначалникот на Охрид, Александар Петрески денеска добија родилките и вработените во Гинеколошкото оделение  на Општата болница во Охрид, кое го посетија и активистките на женското здружение „Бисера“.


По повод 8-ми Март Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ од Охрид организираше еколошка работна акција со засадување на дрвца на потегот над Билјанини извори во зелениот појас меѓу двете коловозни  ленти.

ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид на сите припаднички на понежниот пол им го честита Меѓународниот ден на жената. „Денес, на сите жени, им оддаваме признание и почит за нивните достигнувања на економски, политички и социјален план“, стои во соопштението од унијата на жени од ВМРО-ДПМНЕ.

Нивните политички ривалки од Клубот на жени на СДСМ – Охрид, организираа 8-мо мартовско дефиле на кое побараа достоинствен живот за сите работници, особено на оние ѓраѓани кои беа најпогодени во периодот на транзицијата, како и право на најмала плата за сите.

И додека политички активните охриѓанки дефилираа и засадуваа дрвца, дел нивни сограѓанки со подлабок џеб 8-ми Март го прославуваат во некоја од европските метрополи. Рим, Париз и Прага се нивни најчести дестинации, а голем е бројот на охриѓанки кои викендов отпатуваа за Грција.

ohridnews