Ниту прзникот на жената кој има длабока историска порака која одекнува веќе еден век, не успеа да ги обедини македонските жени. Иако живеат со секојдневните проблеми, очигледно е дека тие, посебно политичарките, не гледаат исто на состојбите во општеството, а ставовите им се менуваат во зависност од која страна на власта се наоѓаат.

Локалниот клуб на СДСМ вчера со масовен протестен марш го одбележа Денот на жената. Покрај потсетувањето на делата на Клара Церткин и Роза Луксембург и историските придобивки од осмомартовските случувања  пред сто години, социјалдекократките ја искритикуваа, како што беше кажано ретроградната  политика на актуелната власт.

– Последниве 4 години нашите права се уназадени и прекршени. За 4 години не вратија 100 чекори наназад, не вратија на самиот почеток. Денес имаме политика на назадување на женските права, на враќање кон патријахатот, враќање кон традицијата и со секојдневно губење на понекое право на жената. Денес прашањето на родовата рамноправност во државата е маргинализирано и изолирано прашање.- можеше да се чуе на протестниот марш на членките на локалниот клуб на жени на СДСМ – Охрид.

Нивните колешки од владејачката ВМРО ДПМНЕ Меѓународниот ден на жената го одбележаа без протести, со соопштение за јавност  со кое на сограѓанките им го честитаа 8 Март  и ги повикаа на зачувување на конзервативните вредности, традицијата и семејните вредности. Воедно , Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ реагираше на паролите и пораките на протестниот марш на женската организација на СДСМ во Охрид.

-Хипокризијата во СДСМ е евидентна затоа што во протестот бараа работа токму оние жени кои СДСМ ги згрижил како наставнички и како кадар во јавните претпријатија и кадри во општината , бараа работа директорки на некои основните училишта  , бараа достоинство оние кои и на протестот ги носеа  скапоцените бунди ,  скапоцениот накит и секако ливчињата со добри плати. Во тие барања уште понеморално ги поддржале оние кои под команда и ги извадиле  на протест , како долг кон тоа дека им дале столче во Општината  , како долг кон тоа дека ги држат како директорки во училиштата и како дискриминирани во јавните општински претпријатија . Поголема хипокризија од оваа на СДСМ не сме виделе , ниту ќе видиме.-се вели во реакцијата.