Пред 8 години, на 26ти април премиерно беше изведена „Сите мои синови“ од Артур Милер во охридската гимназија, од страна на 5 средношколци: Томе Укоски, Леа Новеска, Катерина Петреска, Јован Цветкоски и Никола Србиноски, по самостојно адаптирано сценарио и сопствена режија, со поддршка од своите родители, другари и професорки. Тоа беше и официјален почеток со работа на Независната аматерска театарска група „Аматер“.

Ентузијазмот, желбата и едноставно љубовта кон театарот и уметноста, другарувањето, од една обична идеја направи да се роди нешто специјално. Целта на оваа претстава доби и една света нишка на која секогаш благодарно и во најдобро светло ќе се сеќаваме. Сите тие желби, љубов, емоции, првично несвесно ја составија оваа Независна Аматерска Театарска Група, а потоа и свесно, со голема гордост и цели. Со таа цел, тој датум ја има честа да биде датум на кој е роден оваа аматерска група. Група која и покрај толку години, поминаа толку различни ентузијасти, екипи, театарџии, артисти, волонтери, соработки, идеи, сонови, промени, но никогаш во тој процес групата не ја загубила својата цел, идеја и идентитет, а знаеме и како да ја чуваме и никогаш да не ја изгубиме насоката која нè означува. – напишаа од „Аматер“ по повод годишнината од формирањето.

Во име на аматеризмот, ви се поклонуваме до земја на сите што на некој начин сте биле дел од оваа приказна, родители, пријатели, професори, актерска екипа, техника, публика, помагатели, секаква поддршка. Аплаузот е за вас! – стои во пандемиската роденденска порака на НАТГ „Аматер“.