Десетици млади животи згаснаа во борбите за ослободување на Охрид што партизанските одреди ги водеа со фашистичкиот окупатор на 7-ми Ноември 1944 година. Благодарение на нивното херојството 79 години подоцна Охрид е слободен град, светска туристичка дестинација, културна престолнина и духовна мека на македонскиот народ.
Охрид за време на Втората светска војна се наоѓал под бугарска окупација. Партизанските единици го ослободиле градот на 15 октомври 1944 година, но за кратко време, бидејќи под притисок на германските сили тие се повлекле. По борбите меѓу партизаните и германските сили ноќта меѓу 7 и 8 ноември Охрид е ослободен од фашистите.
Свеченостите со кои годинава Општина Охрид го одбележува Денот на ослободувањето започнаа вчера со промоција на книгата Детска градинка „Јасна Ристеска“, а продолжуваат денес. Од 10.00 часот предвидени се одбележување на патрониот празник на ЈП „Охридски Комуналец” во дирекцијата на јавното претпријатие, полагање свежо цвеќе пред спомен – обележјата од НОБ на Градските гробишта, Градски парк, Основен суд, двор на СОСУ „Св.Кирил и Методиј”, како и Панихида и полагање свежо цвеќе пред спомен – обележјето на Јасна Ристеска во с.Рамне.
Во 11.00 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен – обележјата од НОБ во Спомен – паркот на револуцијата, а во Велестово, Вила „Билјанини Извори“ и градскиот плоштад ќе се одржи „Оhrid fly festival“ – проект на Параглајдинг клуб „Флај“.
Во 12 часот е закажана свеченост по повод 79 годишнината од ослободувањето на Охрид во Младински центар (комплекс Касарна) каде обраќање ќе има градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и претставникот на ОО на Сојуз на борци, Гоце Георгиески. Во рамки на свеченоста предвидена е и културно – уметничка програма.
Свеченaта приредба по повод јубилејот 60 години од основањето на ЈОУДГ „Јасна Ристеска” во СРЦ „Билјанини извори“ (спортска сала) ќе се одржи од 17 часот, а свечената програма ќе биде заокружена со седмоноемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче” во ОМУ “Методи Патче” (концертна сала) со почеток во 18.30 часот.
OhridNews