Во Струга одбележана 78-годишнината од ослободувањето на градот. Пред спомен обележјето во центарот на градот, се поклонија делегација на Општина Струга предводена од градоначалникот Рамиз Мерко, Сојузот на борците од Струга, претставници на политички партии, пензионери, граѓани…

На овој ден се поклонуваме пред нашите славни херои, за нивната безрезервна љубов кон татковината и неизмерната храброст, со која го ослободија нашиот град од окупаторите. Никогаш нема да ја заборавиме визијата за силна, стабилна и слободна Струга, рече Мерко.

Претседателот на Сојузот на борците на народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија во Струга, Ајредин Мемеди, син на борец, се осврна на кажувањата од неговиот татко за тешките денови во кои живеела тогаш Струга.

Борбата со окупаторот била тешка и неизвесна. Борбите почнале на 19 октомври 1944 година во раните утрински часови. Струга била окупирана од Германските единици и нивните помагатели. Нашите борци биле во исклучително тешка положба и многу малку во споредба со окупаторот. Германските единици, распоредени во охридско-струшкиот регион, сместени во градот и околните села располагале со 4.000 војници и најсовремено оружје и опрема, но иако опкружени од сите страни на страната на нашите борци бил идеалот Струга да биде слободна, истакна Мемеди.

OhridNews