Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца и локалната самоуправа на општина Дебрца, на 3 октомври, сабота, ќе организираат прослава во село Црвена Вода по повод 77 годишнината од издавањето на Манифестот на Генералниот штаб на НОВ и ПОМ и други значајни настани од НОВ и Револуцијата во 1943, кој воедно е и патронен празник на општина Дебрца.
Свеченостите ќе започнат во 10 часот со полагање свежо цвеќе на спомениците на паднатите борци од НОБ и жртвите на фашистичкиот терор, каде пригодно обраќање ќе има претседателот на СБ Охрид и Дебрца – Гоце Георгиески.
За време на шестомесечниот престој на највисокото воено-политичко раководство на НОБ во Црвена Вода, донесени се многу документи, значајни за создавање на сопствена држава, желба на многуте генерации низ вековите минати. Главниот Штаб на НОВ и ПОМ под раководство на ген. Михајло Апостолски, на 3 Октомври 1943 година, го издаде Манифестот, во кој беа изнесени целите на НОВ во Македонија, со повик до народот сите патриотски сили да се вклучат во борбата за слобода. Овој Манифест, заедно со Манифестот на Крушевската република и со одлуките на Првото заседание на АСНОМ се вбројуваат во историски најзначајните документи врз кои се поставува државно-правната основа на македонската државна заедница.
OhridNews